10/11/2025
Професорот Александар Узунов е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје со гордост информираат дека проф. д-р Александар Узунов е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Со својот извонреден научен опус со над 150 научни и стручни трудови, од кои 40 во списанија со IF, со над 3500 цитати, 2 монографии, 7 книги и прирачници преведени на повеќе странски јазици, како и спроведување на неколку Horizon и ЕУ проекти и иницијативи (COLOSS, SMARTBEES, EURBEST, BEECONSEL, BEEGUARDS и др.), проф. Узунов се истакнува како еден од најзначајните научници од областа на биотехничките науки и на светска сцена еден од водечките имиња од областа на пчеларството. Неговиот h-индекс на Google Scholar изнесува 26, додека на Research Gate 27.
Денес, професорот Узунов е највисокорангиран научник на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, а според Google Scholar и AD Scientific Index е рангиран на 9. и 11. место на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Во научноистражувачкото подрачје Земјоделство и шумарство, според AD Scientific Index е највисокорангиран научен работник во Македонија, а според истиот извор, како и според Македонскиот национален H-индекс, во нашата држава, во сите научноистражувачки подрачја, е рангиран на 24-та позиција.
Во рамките на ФЗНХ, тој е раководител на Лабораторијата за биологија и селекција на медоносните пчели, а во 2025 го основа и Паркот на пчелата. Во 2024 година, во рамките на УКИМ ја доби престижната награда „Најдобар научник од ветеринарни и земјоделски науки за 2023 година„.
Научниот придонес на професорот Узунов доминантно е во областа на пчеларството и биологијата на медоносните пчели. Неговите трудови и книги меѓународно се препознати како изданија од исклучително научно и апликативно значење за селекцијата и конзервацијата на медоносните пчели, репродуктивната биологија и контрола на спарување, контролата на ектопаразитите со развој на биотехничките методи.
Во 2024 година, професорот Узунов го водеше меѓународниот тим истражувачи кога во Малта за прв пат ја идентификуваа азиската џуџеста медоносна пчела (Apis florea) на европскиот континент. Тоа извонредно значајно истражување одекна во светските медиуми, а National Geographic објави и посебна статија. Резултатите од неговото истражување иницираа ревизија на законската регулатива во Европската Унија во однос на мониторинг и контрола на инвазивните видови. Во истата година објавува научни трудови за детекција на Tropilaelaps паразитот во Грузија и развива нова метода за негова детекција.
Во национални рамки, професорот Узунов е најдобро препознат по неговите научни дела (магистерска и докторат) и публикации поврзани со детерминацијата на биодиверзитетот и заштитата на Apis mellifera macedonica како автохтон подвид. Неговите трудови, од 2007 до 2012 година, придонесоа за промена на законската регулатива во однос на формална заштита на македонската медоносна пчела.
Професорот Узунов на ФЗНХ е избран во звањето редовен професор од областа на пчеларството каде и предава на сите три циклуси. Член е на повеќе комисии за одбрана на магистерски теми во земјата, Малта и Германија. Од 2015 до 2018 година бил вработен во Институтот за пчеларство во Кирхајн во Германија, а од 2023 година е советник на Кинеската академија за земјоделски науки во Пекинг. Членува во голем број организации, а активно соработува и со пчелари и пчеларски здруженија од целиот свет. Професорот Узунов има 30 години практично пчеларско искуство.
На следните линкови достапни се најголем дел од неговите публикации:
https://scholar.google.com/citations?user=nXMSEv0AAAAJ&hl=en&oi=ao
https://www.researchgate.net/profile/Aleksandar-Uzunov/research