25/10/2025
ПИПЕРКИ
Прилепското со пиперки се слави,
со купишта на пазарот ги има,
ги јадеме во салати, во тави,
во туршија ги чуваме за зима.
Ги има живи и лути и благи,
и човек во нив го наоѓа лекот,
со сол и пипер сме крепеле снаги,
со пинџур ни е нам поубав векот.
Ќе дојде есен со своите чари,
во низи пипер секој дом го скрила,
чардаците ги красат рујни шари
и куќата е невестица мила.
И така кај нас од времиња стари
се создава убавина и сила.